Краток пороен дожд поплави подвозник на влезот од Прилеп, каде биле заглавени два автомобили, а акумулирана вода имало и по градските улици. Состојбата за брзо е санирана, потврдува за „Макфакс“ прилепскиот градоначалник Борче Јовчески. Тој посочува дека немало штети, ниту проблеми.

„Под подвозникот имало два автомобили, за кои, од Противпожарната бригада ме известија дека биле брзо извадени. Во градските подрачја, шахтите за кратко ја собрале акумулираната вода од улиците. Побарав информации од сите места, состојбата е насекаде стабилна“, вели Јовчески за „Макфакс“.

Изминатите денови, во неколку наврати, УХМР извести дека се очекува нестабилно време во повеќе делови на Македонија.