„Скопје ќе биде срцето на Албанија“, е само една од навредливите коментари на навивачите на Шкупи. Нови шовинистички навреди викендов беа видени на стадионот во скопската населба Чаир, овој пат од страна на навивачката група „Шверцери“.
Имено, навивачите на Шкупи на дерби дуелот против Вардар истакнаа провокативни пароли со националистичка и екстремистичка содржина.
Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија, гласеше една од паролите.
Исто така, имало и пароли и извици со кои се величаат убијците на младото момче Никола Саздовски – Саздо, што е уште потешка форма на говор на омраза.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар преку соопштение информира за настаните кои се случувале за време и по завршувањето на прволигашкиот дуел против Шкупи, кој вчера се одигра на стадионот во наслебата Чаир. Како што велат од ФК Вардар, во текот на целиот меч биле навредувани на национална основа, а по нивните фудбалери биле фрлани пиротехнички средства. Сепак, од ФК Вардар истакнуваат дека од страна на раководството на Шкупи биле пречекани онака како што доликува на еден првенствен натпревар.
Засега нема никаква официјална реакција на овие националистички испади ниту од ФФМ, ниту од МВР, но затоа се огласи Бујар Османи, министерот за надворешни работи.
Не сум ги слушнал тие пораки. Секоја изјава која што предизвикува етничка нетолеранција е спротивна на законот, одговори Османи откако претходно на друго прашање ја критикуваше опозицијата дека поттикнува нетолеранција, истакна Османи.
За целата ситуација да биде „зачинета“, се погрлижил еден фудбалер на чаирчани, кој по натпреварот излегол со запален факел во раката, а на лице носел маска „Гај Фокс“ која е позната како „маска на одмазниците“ односно „маска на анонимните“, со цел да не биде идентификуван од полицијата.
И за овој инцидент морало веднаш да се реагира, пред се од страна на полициските службеници кои се наоѓале на стадионот, но очигледно и тука им било прогледано низ прсти, или поточно замижале. Според Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортските терени секое палење факел, без разлика од која причина, носи парична казна од 500 евра, но ништо од тоа не е санкционирано.
Истовремено, поради палењето факели на трибините, како и таа на теренот, според истиот Закон, тимот Шкупи мора да биде казнет со 5.000 евра, додека одговорното лице на клубот со дополнителни 1.500 евра.