Стапката на инфлација во Македонија во февруари на годишно ниво достигна околу 8%. Уште повеќе загрижува фактот што само за 28 дена во февруари оваа година цените пораснале за над 1%, рече Трајко Славески на денешната прес конференција.
Со најновите поскапувања во тековниов месец, кои никако да сопрат, најверојатно трендот на пораст ќе продолжи и ќе дојде до забрзана инфлација која станува двоцифрена. Да се потсетиме, двоцифрена инфлација за последен пат сме имале некаде кон средината на 90-тите години од минатиот век. Генерациите наши граѓани родени во независна Македонија за прв пат се среќаваат со феноменот на висока инфлација.
Ваков пораст на цените, проследен со празни рафтови во маркетите, недостиг на нафтени деривати и колони пред бензинските пумпи, сме немале ниту за време на воениот конфликт од 2001 година, ниту за време на жестоката финансиска криза и рецесијата од 2007 – 2009 година. Ова што сега ни се случува го избегнавме и во рецесиските 2012 – 2014 година за време на Европската должничка криза.
Мерките кои тогаш се превземаа за заштита на стандардот на граѓаните се покажаа ефикасни, а истовремено се помагаше и економијата. Сега граѓаните се со право исплашени и збунети. Се прашуваат зошто владините мерки кои се прилично рестриктивни, како што е замрзнувањето на цените и ограничувањето на трговските маржи, не даваат резултати. Нивниот стандард секојдневно еродира!
Владата галопирачката инфлација ја објаснува со надворешните фактори и влијанија. Не ќе да е така! Ова е само делумно точно! Податоците од НБРМ покажуваат дека порастот на цените на енергијата и на храната на светските берзи во стапката на инфлација мерена преку порастот на трошоци за живот од 7,6% во февруари оваа година влијае со 4 процентни поени.
Остатокот од 3 процентни поени, или 40% од стапката на инфлација се објаснува и се должи исклучиво на домашни фактори. Тоа е цената на популизмот кој владата предводена од ДУИ и СДСМ го спроведува во континуитет за поткуп на гласови во изминатите 4 до 5 години.
Можеби звучи парадоксално, но на која било неодговорна влада на краток рок и одговара повисока инфлација. На што се должи ова? Прво, заради повисоките цени, растат приходите по основ на ДДВ, каков што е случајот со последните две тримесечја од минатата година.
Токму ова Владата го искористи ова за да ги пумпа издатоците за стоки и услуги, т.е. за тендери и партиски вработувања во истиот период. Второ, кога НБРМ, во служба на владините политики, ја држи основната каматна стапка на изразито ниско ниво од 1,25%, владата користи од реалното намалување на вредноста на јавниот долг изразен во денари, на сметка на финансиските институции и компаниите. Во краен случај, сметката за ова ја плаќаат граѓаните.
Почитувани,
Сега кога духот на инфлацијата е веќе излезен од шишето, владата и НБРМ мора да преземат и системски, но и палијативни мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Во првата група спаѓа неминовното и неодложно зголемување на платите во јавната и државната администрација, во образованието, здравството, полицијата, армијата, државната управа на централно и локално ниво, како и јавните птретпријатија, преку примена на колективните договори за наградување на трудот според степенот на сложеност. Се покажа дека не е доволно да се зголеми единствено минималната плата и да се фалиме дека сме постигнале огромен успех.
Исто така, најавеното враќање на моделот за усогласување на пензиите кој важеше до 2018 година, е недоволно за заштита на стандардот и уште поважно, на дигнитетот на пензионерите. Никогаш не паметиме просечната пензија да била пониска од минималната плата. Нашиот предлог беше и останува пензиите да се зголемат за 20%.
За оваа цел, потребен е итен ребаланс на државниот буџет. Со кратење на непродуктивни трошења може да се обезбедат средства за зголемување на платите и пензиите во насока на подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Паралелно со ова, треба да се зголемат средствата за блок дотации и други трансфери кон единиците на локалната самоуправа за и тие да можат да ги зголемат платите на своите вработени и да ги покријат енормно зголемените трошоци за електрична енергија. Нашите општини, без разлика дали со нив раководат градоначалници од позицијата или опозицијата, се во длабока криза која сеуште не дошла во фокусот на јавноста. Ако владата веднаш не преземе мерки за зголемување на средствата за извршување на со закон пренесените надлежности на локално ниво, граѓаните набрзо ќе ја почувствуваат кризата врз сопствената кожа.
Централната банка, НБРМ, треба да се врати на нејзината основна цел, а тоа е ценовната стабилност и да превземе соодветни мерки за спречување на растечката инфлација.
Втората група мерки се палијативните мерки. Се покажа дека овде владата нема соодветен концепт. И покрај рестриктивните мерки за замрзнување на цените и ограничување на маржите, инфлацијата не сопира.
Наместо да го прифати предлогот за намалување на акцизата кај нафтените деривати, како што предлага ВМРО-ДПМНЕ, со што цената на бензинот од утре би се намалила за 13 денари, а на дизелот за девет денари, премиерот Ковачевски денес предложи комплициран модел за намалување на акцизата кој не само што не го разбра јавноста, туку и не гарантира дека ќе придонесе за намалување на малопродажната цена на горивата.
Што да се каже за мерката намалување на ДДВ за централното греење, електричната енергија и одредени видови основни животни намирници. Ако мерката за намалување на акцизата е премалку, ова намалување на ДДВ сигурно доаѓа предоцна. Покрај ова, некои мерки кои одамна се во сила, беа промовирани како нови, како што е на пример додатокот за енергетска сиромаштија кај примателите на социјална помош и слично.
Почитувани, како и досега ДУИ и СДСМ и сега покажуваат целосна отсутност од реалноста, што и ја однесе Македонија во толку длабока криза. Оние коишто се главните предизвикувачи на кризата не може да бидат дел од решението.
Почитувани, во овие моменти само парламентарни избори, нова власт и нови конкретни мерки се најрационалното решение. Секој ден со ДУИ и СДСМ значи подлабоко тонење во криза, истакна Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.