Бројот на загинати во шумските пожари во туристичкиот град Лахаина на хавајскиот остров Мауи се искачи на 53, соопшти округот Мауи.
Најмалку три големи пожари избувнаа на Мауи во вторникот навечер, отсекувајќи ја западната страна на островот и историскиот град Лахаина, каде што беа уништени или оштетени најмалку 271 градба. Најмалку 53 лица загинаа, додека на огромен број луѓе им беше укажана медицинска помош поради изгореници, вдишување чад и други повреди.
Продолжуваат напорите за пребарување и спасување, а илјадници луѓе ја напуштија областа. „Додека продолжуваат напорите за гаснење пожари, денеска се потврдени 17 дополнителни смртни случаи поради активниот пожар во Лахаина, со што бројот на загинати достигна 53“, се вели во денешното соопштение на округот Мауи.
Пожарите опустошија цели населби на западната страна на американскиот остров. Лахаина е една од главните атракции на Мауи, која секоја година привлекува два милиони туристи на островот, или околу 80 отсто од посетителите на островот.
Американскиот претседател Џо Бајден одобри прогласување катастрофа на Хаваи, дозволувајќи им на погодените поединци и сопственици на бизниси да аплицираат за федерална помош за домување и економско закрепнување.
Причината за шумските пожари во Мауи допрва треба да се утврди, соопштија официјални лица, но Националната метеоролошка служба соопшти дека тие биле поттикнати од сувата вегетација, силните ветрови и ниската влажност.