Рекордно обилни снежни врнежи, какви што не се забележани во последните 60 години, го погодија рускиот далекоисточен полуостров Камчатка и создадоа наноси високи и по неколку метри, пренесува „Хина“.

Агенциските фотографии и извештаите од метеоролошките станици покажуваат дека влезовите во зградите се блокирани, а автомобилите целосно затрупани под снег.

Во одделни подрачја, во првата половина на јануари наврнале повеќе од два метра снег, покрај 3,7 метри колку што биле регистрирани во декември, покажуваат официјалните метеоролошки податоци.

„Утре планирам да прошетам низ градот, бидејќи автомобилот, ми е, за жал, веќе еден месец паркиран пред зграда и е целосно затрупан со снег“, изјави Људмила Москвичева, фотограф од Петропавловск-Камчатски, пристанишен град кој се наоѓа на околу 6.800 километри источно од Москва.

Снимките објавени во руските медиуми прикажуваат жители како се пробиваат низ длабоките снежни наноси.

По екстремните врнежи, градот практично е парализиран: дворовите се затрупани до првиот кат, вратите не можат да се отворат, а механизацијата за расчистување снег не успева да се справи со обемот на наноси, пренесува Некста ТВ.

Претходно, службите за итни случаи ги повикаа жителите на Камчатка да не скокаат од прозорците, предупредувајќи дека под снегот може да има огради, автомобили и остри метални конструкции.

Тие укажаа и на висок ризик луѓето да се заглават во снежен нанос без можност самостојно да излезат, но според видеата што кружат на социјалните мрежи, предупредувањата не секогаш се почитуваат.