Американската компанија Epirus објави видео на кое се гледа како нивното противдронско оружје „Леонидас“ со еден единствен импулс на насочена енергија урна 49 дронови истовремено. Демонстрацијата предизвика големо внимание во јавноста и експертите ја оценија како вистинска технолошка пресвртница.

Системот користи микробранови кои ја уништуваат електрониката на беспилотните летала, а е базиран на нова генерација полупроводници од галиум нитрид. Оваа технологија овозможува помала потрошувачка на енергија и поголема мобилност во споредба со постарите вакуумски цевки.

Безбедносни аналитичари предупредуваат дека дроновите се двојна закана – евтини се за масовна употреба и се појавуваат од непредвидливи насоки, што ги прави опасни и за воени конфликти и за цивилното воздухопловство.

Она што го издвојува „Леонидас“ е способноста да делува според принципот „еден спрема многу“ – да уништи цел рој дронови во исто време, но и селективно да таргетира само еден летечки објект без колатерална штета. Дополнително, може да програмира забранети воздушни зони.

Демонстрацијата се одржала во воениот камп Атербери во Индијана пред еден месец. Таму „Леонидас“ успеал да собори вкупно 61 дрон со 100% ефикасност, а кулминација било урнувањето на група од 49 летала со еден импулс.

„Ова е пресвртница за Epirus. Веруваме дека демонстрацијата покажа дека ‘Леонидас’ е единственото оперативно решение против рој дронови по принципот ‘еден спрема многу’“, изјави извршниот директор на компанијата, Енди Лоури.

На видеото објавено од Epirus се гледа како дроновите речиси во ист момент паѓаат од небото, како невидлива рака да им ја пресекла електронската врска.