Масовен прекин на струја во Сан Франциско ги блокираше роботските такси

Пожар во трафостаница што предизвика масовен прекин на струја во Сан Франциско за време на викендот целосно го блокираше функционирањето на робот-такси услугата Waymo, оставајќи ги автономните возила запрени низ градските улици и раскрсници.

Според електродистрибутивната компанија PG&E, прекинот на електричната енергија настанал во саботата попладне, откако дошло до „значајна и широко распространета“ штета како последица на пожар во трафостаница. Поради дефектот, без струја останале повеќе од 100.000 корисници.

На социјалните мрежи се појавија видеа на кои се гледаат робот-такси возилата на Waymo како стојат паркирани на средина од коловозите и на крстосници, додека сообраќајниот хаос се зголемувал. Возачите биле принудени да маневрираат и да ги заобиколуваат запрените автономни возила, што дополнително ги влошило метежите.

Компанијата Waymo соопшти дека поради прекинот на електричната енергија привремено ги стопирала сите свои услуги на подрачјето на Сан Франциско. Работата, како што потврди портпаролот на компанијата, била брзо обновена откако условите тоа го дозволиле.

Од градските власти информираа дека за време на прекинот голем број семафори биле надвор од функција. Градоначалникот Даниел Лури наложил на терен да бидат испратени полицијата, пожарникарите и други служби, со цел да се помогне во регулирањето на сообраќајот. Паралелно со тоа, поради проблемите со снабдувањето со електрична енергија, биле прекинати и некои линии на приградската железница.

Од Waymo додадоа дека во текот на целиот инцидент биле во постојана комуникација со градските власти, со цел навремено да се координираат активностите и да се минимизира влијанието врз сообраќајот и јавната безбедност.