Вистинска врева настанамеѓу туристите кога беше откриено дека сопственик на хотел на Халкидики, Грција, поставил камери во хотелските соби, пренесува Макфакс.
Како што пренесуваат грчките медиуми, сопственикот на хотелот на Афитос, Халкидики поставил скриени камери во собите и незаконски ги следел и снимал приватните моменти на своите гости.
Истрагата на грчката полиција е покрената по пријава на млад пар, кој на крајот на септември 2022 година пронашол камера во собата каде што ја поминале ноќта.
Како што информираат од полицијата, при истрагата било утврдено дека 34-годишниот сопственик на хотелот снимал и следел 27 лица, од кои огромно мнозинство се грчки и странски туристи, од кои 13 се идентификувани.
Против сопственикот е поднесена пријава, која ќе биде проследена до првостепеното обвинителство на Халкидики, за прекршување на законот за лични податоци и приватност на телефонската комуникација и усниот разговор.
Како што се наведува во истото соопштение, при претрес на просториите на туристичкото сместување биле пронајдени шест „скриени“ камери, полначи за мобилни телефони, осум мемориски картички, пронајден е и одземен пренослив електронски компјутер, таблет уред и мобилен телефон, пренесува новиот сајт tvks.gr.