Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ вчера одбележа 44 години од своето формирање на 13 март 1981 година, во рамките на тогашниот Секретаријат за внатрешни работи на СР Македонија. Како чувари на уставниот поредок и симбол на обученост по највисоки стандарди, „Тигрите“ одиграа клучна улога во осамостојувањето на Македонија и во справувањето со безбедносните предизвици низ децениите.

Почетоци и жртви

Единицата, основана пред 44 години, израсна во елита меѓу елитите. Припадник на „Тигар“ за „Курир“ изјави:

„Ние сме чувари на уставниот поредок и извршители на најсложените борбено-технички задачи. Нашата мисија е да го гарантираме мирот и безбедноста на граѓаните, а мотивацијата доаѓа од повикот да ја штитиме државата, дури и со саможртва.“

Тој додаде:

„Овие 44 години се плод на искуството и посветеноста на сите генерации. Споменот на колегите што ги дадоа животите за безбедноста на државата е аманет за идните припадници.“

Од осамостојување до антитероризам

„Тигрите“ беа клучни во осамостојувањето на Македонија, а денес се борат против тероризмот и насилниот криминал. Припадникот истакна:

„Со годините се менувавме – од структурата до опремата, вооружувањето, возилата и полигоните. Пред четири години станавме Специјална антитерористичка единица за да одговориме на тероризмот, екстремниот радикализам и сложените закани, кои немаат граници.“

Обука и предизвици

Единицата се подготвува со напорни тренинзи и соработка со странски единици:

„Обуките се секојдневие – работиме со наши инструктори и со сродни единици од странство, усвојувајќи нови тактики и разменувајќи искуства. Најголемиот предизвик е да ги извршиме задачите без повреди – ни наши, ни на невини граѓани.“

Тимови за алпинизам, нуркање, снајпери и други специјалисти се дел од „Тигар“, подготвени за секакви ситуации.

Спасувачи и иднина

Освен борба со тероризам, „Тигрите“ имаат обука и учествуваат во спасувачки акции:

„Спасуваме луѓе на планини и водени површини – обуките ги правиме блиски до реалноста за да бидеме подготвени.“

Единицата цели кон вмрежување во АТЛАС мрежата на европски специјални единици, модерни полигони и опрема, со стремеж кон совршенство што, како што велат, „нема крај“.

Извор: Kurir