Српскиот политичар Срѓан Ново во денешното видео на Јутјуб, повторно изнесе тешки обвинувања кон полицијата и Обвинителството, тврдејќи дека се неспособни или пак, ги „монтираат“ причините и воопшто, вистината за смртта на фризерот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
И во неговото денешно видео, контроверзниот политичар ги обвинува дека го наместиле таткото на Вања Ѓорчевска, кој, наводно прв на МВР му ги дало снимките на кои поврзал дека возилото „цитроен“ на сега убиениот Панче Жежовски, е вмешано во грабнувањето и дека така почнала истрагата. Според Ного, таткото на Вања е многу богат човек и не му требала позајмица од неговата поранешна сопруга, како што е информацијата која е пласирана во јавноста.
Ного вели дека според неговите информации, а и според досега познатите докази, станува збор за нарачано убиство во кое Љупчо Палевски и неговата банда се само егзекутори, а македонските институции не се способни да го најдат нарачателот, ниту, пак, да ги откријат мотивите за тоа.
Ного истакнува дека и пред, а и минута по убиството на Вања, Палчо зборувал со некој на телефон, наводно нарачателот на убиството, а таткото Александар е во притвор затоа што открил нешто што „не требало да се открие“.
– Пред да ја убие Вања, Палчо ја прашува како се вика, таа му вели Вања, па ја прашува како и е презимето, таа вели Ѓорчевска. Ја убива и веднаш се јавува некому. Ако таткото Александар е на кој било начин вмешан во грабнувањето на Вања, тогаш зошто Палчо би ја прашувал како се вика, за да се увери дека е таа – прашува Ного.
Тој излезе и со тврдење дека не е најдена ДНК од осомничениот Љупчо Палевски-Палчо и додаде дека планираното било да се киднапира и сестрата на Вања, но не објави никакви документи со што ќе поткрепи барем дел од своите информации и тврдења кои ги изнесуваше без резерва во своето долгометражно видео.
Безживотното тело на исчезната Вања беше пронајдено кај Бразда на 3 декември, а нејзиниот татко беше приведен на 4 декември. Според Ного, кога таткото крева палци додека го спроведуваат (4 декември), тој уште не знае дека неговата ќерка е убиена.
Српскиот политичар вели дека Панче Жежовски на денот кога е ликвидиран, двапати бил на бензинска пумпа во Велес.
Ного најави дека наскоро ќе го објави мотивот за убиството на фризерот, кое, тврди дека не е официјално соопштениот мотив – долг од 500 евра. Тој вели дека дупката во која е закопан Панче претходно тие двајцата со Палчо ја ископале додека барале артефакти.