Интегрален текст од прес конференција на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

-Неказнето претворање на парк шума во лична спална, а службен автомобил во личен кревет е само еден показател за диктатурата! Зоран Заев и Оливер Спасовски молчат и не бараат расчистување на случајот „Потера по љубовникот на Водно”! Случај со за жал тројца повредени полицајци, уништено возило, и случај во којшто најмногу се споменува командирот на полициските тигри, Митко Даневски! Среде кризна состојба и среде забрана за движење, на Водно се случува бркотница со последици, а за МВР тоа е случај со НН лице- и толку!

Вчера повикав на системот „Паметен град”, повикав ЈО да преземе мерки, а денеска прашувам. Дали се ова докази за аздисаниста и самоволието во МВР на Оливер Спасовски и на Зоран Заев, доказ за обид за измама на јавноста и сокривање на блиски луѓе на Заев за бркотница на Водно со тешки последици на 17-ти август, според МВР и нивното соопштение, околу 01:45 минути?

Прашувам, дали ОВА е возилото по кое што се трага? Фотографија од безбедносна камера 17-ти август 01:46:55 секунда? Таблиците не се видливи, заради светлосната заштита за фотографирање, возило со целосно затемнети стакла, времето на фотографијата се поклопува со времето на потерата според соопштението на МВР.

Еве го повторно истото возило на патеката по која што се зборува во полицискиот Извештај, датумот е 17-ти август 2021 година, 01:46:51 секунда. Повторно еве го времето, еве го во заминување со затемнета таблица и целосно затемнети стакла на автомобилот. Дали ова е службеното возило Шкода Октавија на Митко Даневски? Дали ова е возилото од возниот службен парк на единицата Тигри?

Свиркачи од полицијата коишто не ги трпат повеќе притисоците во МВР, притисоците од Зоран Заев и од Оливер Спасовски се одважија да достават докази, за коишто веруваат дека ќе бидат сокриени и уништени заради замачкување на случајот во кој што се најмногу споменува командирот на полициската единица Тигри, Митко Даневски. МВР наместо закани кон медиуми, подобро да одговори, дали скандалот во којшто се повредени тројца полицајци се крие за да се сокрие скандал на командирот на единицата Тигри, Митко Даневски, само и само заради неговата блискост со Зоран Заев, односно роднинската поврзаност со личното обезбедување на Заев?

Време е МВР, уште повеќе ЈО за организиран криминал кое што е надлежно за вакви случаи да преземат сериозна истрага. Се друго оди на штета на МВР и на единицата Тигар!

Ќе повторам, неказнето претворање на парк шума Водно во лична спална, а службен автомобил во личен кревет е само еден показател за диктатурата во Македонија!