Договори за финансиска поддршка од Владата, проекти добиени преку Фондот за иновации како и новоформирана компанија за производство на соларни панели, која од неодамна е регистрирана во тетовската индустриска зона. Ваков е билансот на успех за период од пет години на бизнисменот Горан Паунов, кум на актуелниот премиер Димитар Ковачевски, со кого партнерски ја основаа „Пиксел Гроуп“, компанија за производство на фотоволтаични модули, на чие свечено отворање во 2018 година присуствуваше и тогашниот премиер Зоран Заев. Само две години подоцна, откако Ковачевски одлучи да влезе во политиката како заменик-министер за финансии, кон крајот на септември 2020 година ги повлече и вложените пари во компанијата, пишува порталот А1.он.
Но, и без Ковачевски во сопственичката структура, на „Пиксел Гроуп“ и оди повеќе од одлично. Можеби за компанијата не може да се најдат податоци на Бирото за јавни набавки дека добивала тендери, но, затоа, на алатката „Отворени финансии“ можат да се пронајдат вкупно 12 исплати во период од 2018 до 2021 година, државни пари кои „Пиксел Гроуп“ ги добивала од Владата и од Фондот за иновации.
Исплатите од Владата, најверојатно се однесуваат за доделување на финансиска поддршка за компанијата. На таков заклучок упатува и документот од 159-тата седница на Владата од 2019 година, со која се носи одлука за потпишување на договор за доделување на државна помош на „Пиксел Гроуп“. Исплати кон компанијата се евидентирани осум на број, од 2019 до крајот на 2021 година со вкупна вредност од 27 262 082 или 443.285 евра. Најголемиот износ е исплатен на претпоследниот ден од 2021 година, односно 12 531 359 денари или 203 761 евра.
Четирите исплати од Фондот за иновации датираат од почетокот на септември 2020-та година до јули 2021 година, со вкупна вредност од 4 324 363 денари или 70 314 евра, пишува порталот.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.