Физички судир меѓу пратениците за време на расправата за буџетот
За време на расправата за предлог-буџетот за 2026 година во Големото национално собрание на Турција вчера дојде до физички судир меѓу пратениците. По вербални навреди и меѓусебни обвинувања, пратениците започнаа да се туркаат и удираат. И покрај инцидентот, и законот за буџет и законот за финансискиот извештај за 2024 година беа усвоени.
Судирот започна по изјави против Озгур Озел
Инцидентот избувна откако пратеникот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), Мустафа Варанк, за време на расправата за буџетот изнесе изјави насочени кон лидерот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Озгур Озел.
Откако Варанк го нападна Озел поради фотографии направени на гробот на поранешниот пратеник Камер Генч, од говорницата реагираше заменик-претседателот на пратеничката група на CHP, Гокхан Гунајдин. Тој ја обвини АКП дека намерно предизвикува контроверзии за време на расправата за буџетот.
Усвоен буџетот, Ердоган со порака на Икс
Расправијата подоцна ескалираше во размена на тешки обвинувања поврзани со наследството на Мустафа Кемал Ататурк. По дополнителни провокации, дојде до физичка пресметка која траеше околу десет минути. Пратениците се туркаа и се влечеа, додека обезбедувањето и други парламентарци се обидуваа да ги раздвојат.
И покрај инцидентот, парламентот продолжи со работа. Предлог-законот за буџетот за 2026 година беше усвоен со 320 гласа „за“ и 249 „против“, а завршната сметка за 2024 година со 316 гласа „за“ и 247 „против“.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, го поздрави усвојувањето на буџетот со објава на социјалната мрежа Икс.
„Сакам предлог-законот за буџетот на централната држава за 2026 година, кој вечерва беше усвоен во Големото национално собрание на Турција, да биде од корист за нашата земја, нашиот народ и нашата економија“, порача Ердоган.
