Масовна тепачка меѓу пратениците од власта и опозицијата ја прекина седницата на ерменскиот парламент. Во пленарната сала се разменувале удари, биле фрлани столови и превртувани маси, по што неколкумина пратеници завршиле со повреди. Поради ескалацијата морало итно да интервенира парламентарното обезбедување.
Судирот избувнал за време на расправата за именување член на Комората на ревизори, институција задолжена за надзор над трошењето на јавните пари. Во физичката пресметка учествувале пратеници од владејачката партија „Граѓански договор“ и од опозициската партија „Силна Ерменија“.
Тензиите започнале за време на говорот на пратеникот од владејачкото мнозинство Тарон Чахојан, кој упатил забелешки за политичкиот ангажман на семејството на опозицискиот лидер Нарек Карапетјан. По навредливи дофрлања од пратеничките клупи, вербалниот судир брзо прераснал во тепачка со тупаници, клоци и фрлање на инвентарот.
Во инцидентот повреди добил опозицискиот пратеник Андраник Геворгјан, кому му бил раскрвавен носот, додека на пратеникот Рубен Мхитарјан му била искината облеката. На местото на настанот пристигнала и екипа на итната медицинска помош.
Претседавачот со седницата Рубен Рубињан првично одбил да даде пауза за да може целата јавност да види како се однесуваат пратениците. Откако судирот продолжил и не стивнал, тој наредил интервенција на обезбедувањето, а пресметките продолжиле и низ собраниските ходници.
„Намерно не прогласувам пауза за да можат сите да видат што се случува“, рекол Рубињан.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан го осуди насилството, но ја обвини опозицијата за инцидентот и застана во одбрана на членовите на својата партија. Тој изјави дека фрлањето стол од страна на негов сопартиец кон опозициските пратеници претставувало пропорционална и оправдана реакција. Ова е веќе втор физички судир меѓу пратениците во ерменскиот законодавен дом во текот на истиот месец.
