ЛОКАЛНИТЕ избори, кои денес се одржуваат во 10 српски градови и општини, се проследени со тензии, инциденти и тепачки на некои избирачки места. Снимките на телевизијата Нова од терен покажуваат тепачка пред локалното седиште на владејачката Српска напредна партија во Бор, а во текот на утрото имало физички судири во Бајина Башта, каде што биле дупнати гумите на автомобилот на опозицискиот набљудувачки тим.

На многу избирачки места се видливи и голем број полицајци, кои интервенирале во неколку наврати за да спречат судири. Напади врз набљудувачи на студентски списоци, бројни неправилности со фотографирањето на гласачките ливчиња и појавата на паралелни избирачки списоци се пријавени од неколку општини, а локалните медиуми известуваат дека тензии ги придружуваат и изборите во општина Кула во Војводина.