Две лица денеска извршија вооружен напад врз полициска станица пред зградата на Судот во квартот Чаглајан во Истанбул. Во нападот биле повредени шест лица, а двајцата напаѓачи биле убиени од обезбедувањето. Ова го соопшти министерот за внатрешни работи Али Јерликаја, цитиран од турската телевизија НТВ.

Тројца од шестмината повредени се полицајци. Состојбата на една од жртвите е сериозна.

На местото на настанот се испратени голем број полициски екипи и возила на брзата помош. Влезовите и излезите на судот се затворени.

Видеото може да го погледнете ТУКА.

Јерликаја истакна дека зад нападот стои терористичката група „Револуционерна партија и фронт за народно ослободување“ (ДХКП-С), информира Си-Ен-Ен-Турција.

Неутрализираните напаѓачи со иницијали Е.Ј. и П.Б. се членови на терористичката група ДХКП-С, рече Јерликаја.

Според медиумите, напаѓачите се маж и жена.

Министерот за правда Јилмаз Тунч објави дека главниот обвинител на Истанбул наредил истрага.За време на пукањето, луѓето околу судот и внатре во зградата во паника легнале на земја. Се уште не се познати конкретните мотиви на напаѓачите.

Организацијата „Револуционерна партија и Народноослободителен фронт“ е вклучена во листата на терористички групи на Турција и САД. Групата проповеда марксистичка идеологија и стои зад голем број напади врз владини објекти во последниве години.