„Тоше те сакаме“ – настан во чест на Тоше Проески во ОУ „Лазо Ангеловски“

Во аулата на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Општина Аеродром во моментов се одржува културно-уметничкиот настан „Тоше те сакаме“, посветен на ликот и делото на македонската музичка легенда Тоше Проески.

Целта на настанот е преку уметнички, образовни и музички содржини да се одбележи трајната вредност на делото на Тоше Проески, неговата хуманост и силното влијание што го има врз младите генерации и македонската културна сцена. Програмата е збогатена со настапи на повеќе хорови од основните училишта.

Ученици пеат песни од Тоше

На настанот настапија хорови од повеќе основни училишта, при што секое училиште изведе по една од песните на Тоше Проески. Приложеното видео е од настапот на хорот на ОУ „Љубен Лапе“, а сите учесници добија аплаузи за своите извонредни изведби.

Симбол на заедништво и трајни вредности

Настанот „Тоше те сакаме“ е организиран од Општина Аеродром во соработка со агенцијата „Lions in move“, а дел од организацијата се и Никола Николовски – Боемот и RVR Brand. Меѓу говорниците беше и првиот човек на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Овој настан претставува силен пример за заедништво меѓу граѓаните, локалната самоуправа и образовните институции, обединети околу вредностите што Тоше Проески ги живееше и ги пренесуваше преку својата музика – љубов, човечност и искрена емоција.