Починатата жена дента разговарала со полиција и не побарала полициска интервенција

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција изнесе нови информации во врска со вчерашната трагедија во Карпош, во која животот го загубија мајка и дете.

Како што соопшти, на 2 март 2026 година околу 14 часот случаен минувач пријавил дека мајка и девојче скокнале од зграда, по што Министерството за внатрешни работи веднаш реагирало и излегло на терен.

Тошковски посочи дека настанот имал претходница. Истиот ден, во 12.05 часот, била примена пријава, при што бил извршен разговор со Ивана. Таа тогаш изјавила дека станува збор за недоразбирање и дека не бара полициска интервенција, наведувајќи дека брачните односи ги решава во рамки на бракоразводна постапка. За тоа била составена службена белешка, која таа ја потпишала.

Лишување од слобода и кривична пријава

Според министерот, лицето Стојанче Јовановски е лишено од слобода и против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Сите околности поврзани со случајот се документираат детално и ќе бидат предмет на понатамошна анализа.

Десет претходни кривични пријави

Тошковски информираше дека во изминатите години од страна на СВР Скопје биле поднесени десет кривични пријави против истото лице, и тоа за дела поврзани со насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога.