Учeник отвори оган врз соученици – убиени и ранети повеќе лица
Голема трагедија во Грац каде има најмалку девет убиени, а се стравува дека бројката ќе расте. Полицијата во австрискиот град Грац потврди дека во денешниот вооружен напад во Средното училиште „Драјершиценгасе“ загинаа неколку лица, а повеќе се ранети. Иако не соопштија официјална бројка на жртви, дел од австриските медиуми јавуваат дека се убиени најмалку девет лица, меѓу кои и самиот напаѓач.
„Осомничениот напаѓач е меѓу убиените“, изјави градоначалничката Елке Кар за австриската новинска агенција АПА. Според податоци од полицијата, напаѓачот бил ученик во истото училиште.
Полицијата нагласи дека училиштето во моментов е обезбедено и дека повеќе нема директна опасност за учениците и персоналот.
Видеото може да го погледнете ТУКА.
Повредените згрижени во концертна сала
„Училиштето е целосно обезбедено, немаме индиции за дополнителна закана“, рече портпарол на полицијата за локалните медиуми, додавајќи дека службите работат на утврдување на точниот број на жртви и мотивите за нападот.
Во меѓувреме, локалните болници се подготвуваат за прием на повредени ученици и наставници. Според австриските медиуми, некои од повредените биле прегледани и во блиската концертна и изложбена сала. Таа е адаптирана како пункт за итна медицинска помош.
Извор: Макфакс