Доналд Трамп изјави дека ќе исплати „дивиденда на Трамп“ од 5.000 долари (4.300 евра) на секој возрасен Американец доколку републиканците ја задржат контролата врз Конгресот на ноемвриските избори на средината на мандатот.
„Ако републиканците победат во Претставничкиот дом и во Сенатот – во двата дома – благодарение на нашата огромна економска сила и успех, ќе исплатам дивиденда од 5.000 долари на секој полнолетен граѓанин на САД. Единствениот услов е оваа дивиденда да се потроши во САД“, рече Трамп во Далас, на првата конвенција на Републиканската партија посветена на изборите на средината на мандатот.
NEW: President Trump makes a major promise at the Republican midterm convention in Dallas: $5,000 for every adult U.S. citizen if Republicans win both the House and Senate in the midterms.
“I will issue a dividend to every adult citizen in the United States of America for… pic.twitter.com/XqiphY7y8a
— Fox News (@FoxNews) September 10, 2026
Сепак, Ројтерс известува дека не било веднаш јасно како би се спроведувале исплатите или дали тие би биле законски издржани. Со оглед на тоа што во САД живеат приближно 270 милиони возрасни лица, овој потфат би чинел околу 1,35 трилиони долари (1,16 трилиони евра).
Трамп ги поврзува изборите со своето претседателствување
За време на своето обраќање, Трамп се пофали со „двете најдобри години во историјата на претседателската функција“, ставајќи се себеси во самиот центар на изборите и покрај падот на неговата популарност.
Сепак, остана нејасно дали неговиот говор – кој потсетуваше на предизборен митинг – ќе допре до клучните неопределени гласачи кои, според анкетите, се оддалечиле од партијата на Трамп поради растечкото незадоволство од трошоците за живот и војната против Иран, пренесува Ројтерс.
„Ако ја препуштиме иднината на Америка на радикално левите демократи, на нашата земја ќе ѝ биде потребна цела наредна деценија само за да застане повторно на нозе. Гласајте за републиканците и ќе го оставиме остатокот од светот далеку зад нас – за генерациите што доаѓаат“, изјави Трамп.
Дводневниот собир во Далас – каде што Трамп денес треба да го одржи завршниот говор по обраќањето на потпретседателот Џ. Д. Венс – според Ројтерс, ја истакнува поврзаноста на судбината на републиканците со Трамп и служи за претставување на нивната стратегија пред меѓуизборите на 3 ноември.
Одбрана на нападот врз Иран
Во својот говор, Трамп ја бранеше одлуката за напад врз Иран, наведувајќи дека постапил така за да го спречи Техеран да развива нуклеарно оружје. Тој исто така вети дека цените на нафтата ќе паднат „штом ќе ја добиеме војната со Иран“ – исход за кој тврдеше дека ќе се случи наскоро.
Тој спомена и дека САД би можеле да извршат напад врз иранската локација позната како „Пикекс Маунтин“ (Pickaxe Mountain) – каде што, наводно, длабоко под земја се одвиваат активности поврзани со нуклеарни капацитети – и го предупреди Техеран да биде внимателен. „Набљудуваме одредени активности на локацијата ’Пикекс‘. Би го советувал Иран да не прави избрзани потези, бидејќи ќе мораме силно да возвратиме“, рече тој.
Републиканците ги нападнаа демократите
Повеќето од другите говорници на конвенцијата на републиканците се фокусираа најмногу на напад на демократите, прикажувајќи ги како екстремни за прашања како учеството на трансродовите жени во спортот и безбедноста на границите. Тие беа наречени и социјалисти и комунисти, додека сенаторот Тим Скот од Јужна Каролина ги опиша како „опасни, радикални и чудни“.
