Американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на европските држави направија заедничка фотографија во Белата куќа и потоа започнаа официјални разговори.

На средбата со лидерите на Европската унија и со Зеленски ќе се разговарало за „можна размена на територии“ меѓу Русија и Украина. Тој додаде дека при разгледувањето на територијалната размена ќе се земе предвид „сегашната линија на допир“ на фронтот.

Претседателот на САД ги оцени како успешни своите преговори со Зеленски што ги имал пред средбата со европските лидери.

„Ние допревме  многу прашања. Јас исто така разговарав со Путин. И повторно ќе разговарам со него. Можно е да организираме трилатерална средба“, изјави Трамп за разговорите со Зеленски, пред почетокот на состанокот со европските претставници.

„Путин се согласи за безбедносни гаранции за Украина. И тоа е главното прашање што треба да се разгледа на оваа маса. Кој што ќе преземе“, им порача Трамп на европските лидери.

Тој изрази став дека не верува во заканата од „понатамошна агресија“ на Русија против Украина.

Во дискусијата се вклучија и европските лидери. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц продолжија да ја истакнуваат линијата дека неопходно е примирје, иако Трамп веќе практично ја отфрли таа идеја, објаснувајќи дека е фокусиран на подготовка на целосен мировен договор.

„Сите би сакале да се случи прекин на огнот до следната средба за Украина, ајде да извршиме притисок врз Русија“, изјави германскиот канцелар. „Не можам да замислам следна средба за Украина без прекин на огнот, дајте да вршиме притисок врз Русија“, додаде Мерц.

„Да, ќе го разговараме тоа со претседателот и ќе видиме како може да се постигне“, одговори Трамп, потсетувајќи дека има запрено неколку војни и без претходно примирје.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека ЕУ ќе работи на гаранции за безбедност слични на Член 5 од НАТО.

Макрон оцени дека трилатералната средба е многу важен настан и мора да се оствари, но најпрво треба да се постигне примирје.