Царинската управа денеска информираше дека откриле обид за криумчарење на 4.800 пакувања никотински ќесички во вредност од 1.2 милиони денари.
Како што велат од таму во објава на Фејсбук, Секторот за контрола и истраги откри и спречил обид за криумчарење на 4.800 пакувања со никотински ќесички со вредност од 1,2 милиони денари. Наведуваат дека против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава заради сторено кривично дело „криумчарење“, казниво по Кривичниот законик.
„Осомничениот е застанат за контрола од страна на мобилен царински тим, во внатрешноста на државата, веднаш по влезот во државата преку граничен премин Табановце, при што се пронајдени 4.752 пакувања со никотински ќесички со никотин и 48 пакувања никотински ќесички – снус кои содржат никотин и тутун“, посочија од Царинската управа.
Додаваат дека стоката и возилото се запленети, а осомничениот бил приведен на сослушување од страна на инспекторите за истраги.
„Во предистражната постапка е утврдено дека стоката требало да биде предадена на лице за кое Царинската управа минатата година поднесе кривична пријава за прикривање стоки кои се предмет на криумчарење – цигари без акцизни маркички и царинска измама, објаснуваат од Управата и воедно додаваат дека по целосното завршување на истрагата, против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство за сторено кривично дело криумчарење.
