Дваесетмина повредени во критична состојба, премиерот Никшиќ ја нарече несреќата „катастрофа од огромни размери“

Пожар со катастрофални последици ја потресе Тузла вчеравечер, кога во Дом за стари лица избувна оган што однесе најмалку 10 животи, а уште 20 луѓе се во тешка состојба.

Настанот се случил околу 20:45 часот на седмиот кат од објектот, а според локалните медиуми, пламенот се проширил со неверојатна брзина пред противпожарните екипи да успеат да интервенираат.

„Со брзата интервенција, пожарот го ставија под контрола и го изгаснаа припадниците на Професионалната противпожарна единица Тузла, со поддршка на пожарникарите од Сребреник, како и доброволечките пожарникарски друштва Горна Тузла и Тузла, како и Управата на полицијата на Тузланскиот Кантон“, соопштија од Домот за стари лица.

Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ, изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите, нарекувајќи го пожарот „катастрофа од огромни размери“.

„Се работи за трагедија што ќе остави длабок белег во целата држава. Нашите мисли се со сите семејства кои изгубија блиски и со оние што се борат за живот“, рече Никшиќ.

Причините за пожарот сè уште се испитуваат, а локалните власти најавија дека ќе биде спроведена детална истрага за да се утврди што довело до трагичниот настан.