Готен гореше 14 дена – пожарот зафати 5.000 хектари, најголеми штети во Беровско

Црнила и пепел останаа зад себе по двонеделната борба со пожарот на планината Готен. Околу 3.000 пожарникари, припадници на Армијата, полицијата, вработени во ЈП „Национални шуми“, доброволци, институции и локално население од општините Василево, Радовиш и Берово беа мобилизирани да се справат со катастрофата.

Заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, во интервју за МИА истакна дека пожарот се проширил на непристапен терен, со силен ветер што дополнително ја отежнувал ситуацијата. За среќа, нема тешко повредени, иако неколку пати имало евакуации на екипи и жители.

Околу 5.000 хектари зафатени – најголема штета врз букова шума во Берово

Првичните проценки покажуваат дека пожарот зафатил околу 5.000 хектари, од кои 2.300 во Василево и околу 1.000 во Берово. Штетата на територијата на Радовиш сè уште не е утврдена. На струмичката и радовишката страна главно изгореле деградирани појаси со смрека и трева, додека во беровскиот дел е уништена висококвалитетна букова шума. Конечната проценка ќе биде направена откако пожарот целосно ќе се изгаси.

Системски пропусти, недостиг од кадар и неисправна опрема

Михаилов откри дека ЈП „Национални шуми“ е сериозно ослабено. Во струмичката подружница во 2024 година работеле само неколку шумочувари, а опремата за гаснење пожари е застарена и неисправна. Последната набавка на униформи и противпожарни одела била во 2016 година. Дел од пумпите не можат да се користат, бидејќи нема фирма за нивно сервисирање. Во тек е тендер за нова опрема и возила, а примарен приоритет е заштитата на луѓето на терен.

Пожарите биле подметнати – тест за подготвеноста на државата?

Според Михаилов, постојат индиции дека пожарот на Готен, како и неколку претходни пожари во Струмичко, биле подметнати. Тој изрази сомнеж дека причината не е економски интерес, туку проверка на способноста на државата да одговори на кризни ситуации.