Уапсен напаѓачот за убиството на студент во штипското кафуле
Полицијата го уапси осомничениот за синоќешното убиство на 25-годишниот студент и странски државјанин Е.О во штипското кафуле „Вами“, лоцирано на Градскиот плоштад во Штип. Како што информираат од Основното јавно обвинителство, пронајдено е и оружјето со кое е извршено кривичното дело.
Потрагата била филмска. Убиецот пробил наплатна рамка кај Миладиновци, а полицијата отворила оган по него.
Пукањето од штипското кафуле може да го погледнете од видеото.
Трагичниот инцидент се случил околу 21:30 часот, кога, според досегашните информации, напаѓачот испукал неколку куршуми кон жртвата, кој веднаш бил пренесен во Клиничката болница во Штип, но таму бил констатиран мртов со повеќе прострелни рани.
Реанимацијата не успеала
Лекарите се обиделе да го реанимираат студентот, но безуспешно. Е.О бил донесен без знаци на живот, потврдија од болницата.
Пукање во Штип: Турски студент повреден по пресметка во кафуле
Обвинителството и полицијата презедоа мерки
Јавен обвинител од ОЈО – Штип ноќеска извршил увид на местото на убиството. Иако првичните информации говореа дека напаѓачот е во бегство, полицијата набрзо го лоцирала и привела.
На социјалните мрежи по полноќ се појавија видеа на кои се гледа како возило насилно ја пробива рампата на една од патарините на автопатот Штип–Скопје, што се поврзува со бегството на осомничениот.
Полицијата и натаму работи на расветлување на случајот, а деталите за мотивите сѐ уште не се познати.