Во израелски напад во јужен Либан убиен е висок командант на елитните сили на групата Хезболах. Безбедносни извори, цитирани од Times of Israel, го идентификуваа како Висам ал-Тавил. Се вели дека тој и уште еден борец на Хезболах биле убиени кога нивниот автомобил бил погоден во напад на либанското село Мајдал Селм.

Тавил „имаше водечка улога во управувањето со операциите на Хезболах на југ“, изјави за АФП официјален претставник за безбедност кој сакаше да остане анонимен.

Во саботата, ракетниот оган на Хезболах погоди база во северниот дел на Израел во еден од најголемите напади долж сината линија што ја влече ОН што ги дели Либан и Израел. Групата рече дека тоа е „почетен одговор“ на убиството на заменик-лидерот на Хамас, Салех Арури во Бејрут минатата недела.

 

Либанското движење Хезболах поддржано од Иран и израелската армија речиси секојдневно разменуваат оган долж границата меѓу Либан и Израел, што ги подгрева стравувањата од голема конфронтација, пишува Би-Би-Си. Засега, сепак, воените операции остануваат ограничени на пограничните области. Ал Џезира потсетува дека минатата недела лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, во две телевизиски обраќања го предупреди Израел да не започнува војна од целосен обем против групата.