Еден од членовите на Иницијативниот одбор на ресторани за организирани настани, Перица Голомеиќ, за Точка зборуваше за сериозните проблеми со кои се соочуваат угостителите кои се погодени од пандемијата на Ковид-19.

Имено, Голомеиќ истакнува дека промената во однос на нивните барања од првиот, па до последниот протест досега, се сведува на тоа дека е доставен протокол за работа во услови на пандемија до Владата, но конкретен одговор сè уште нема. Оттаму наводно им рекле дека тие немаат одговор од Комисијата за заразни болести и дека чекаат таа да се произнесе по ова прашање.

Голомеиќ вели дека иако протоколот е направен повеќе во нивна штета, отколку корист, сепак е прилагоден на моменталните услови, каде ќе се држи потребната дистанца и ќе се запазуваат сите мерки предвидени од надлежните.

Освен тоа, тој потенцира дека загубата на угостителите кои се директно погодени е огромна и дека финансиската поддршка од владата во висина од 10.000 евра не ги покрива сите трошоци за закупнина, режиски трошоци и исплаќање на кредити, а помошта која што е наменета за плати за вработените, не сметаат дека е помош за нив бидејќи вработените во моментов не смеат да ја извршуваат својата дејност.

Од редакцијата на Точка побарале одговор и од кабинетот на вице премиерот за европски прашања, Фатмир Битиќи, но оттаму досега не се огласиле.