Нелегално изграден хангар на државна земјиште во Општина Ѓорче Петров утрово беше урнат. Објектот опфаќал две државни парцели а се протегал на 10 илјади метри квадратни. Истиот се наоѓал на локација на скопската обиколница во правец кон Тетово, а инвеститорот игнорирал дека се наоѓа на државно земјиште.
Во присуство на униформирани полицајци беше урнат хангарот. Станува збор за метална конструкција со лимови, а истата утрово беше срамнета со земја. Повеќе може да погледнете од видеото во продолжение:
За ваквиот чин се огласи и првиот човек на општината, Александар Стојкоски. Градоначалникот кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ јасно алудираше дека законот важи подеднакво за сите, а на дивоградбите местото не им е во Ѓорче Петров.
Нема да дозволиме провлекување на поединци кои мислат дека се над законот. Денеска тоа го докажавме со отпочнување постапка за рушење дивоградба на државно земјиште. На странката и беше даден предвидениот рок да постапи, но истата ги игнорираше нашите предупредувања. Законската регулатива важи за сите исто. Нема заштитени или повластени кои си играат детски игри на сметка на сите нас, градејќи бесправно изградени објекти, без дозвола, напиша Стојкоски на својот Фејсбук профил.
Извор: Скопје1