Обид за физички напад врз ерменскиот премиер Никол Пашињан во црква во Ереван дополнително ги заостри веќе нарушените односи меѓу државата и Ерменската апостолска црква.

Инцидентот се случил по богослужба во црквата „Света Ана“, каде според информации и видеа објавени на социјалните мрежи, во напната атмосфера верник му се обратил на премиерот со остри зборови, а потоа се обидел да го нападне од зад грб. Обезбедувањето веднаш реагирало, напаѓачот бил совладан, а Пашињан изведен од објектот.

Настанот доаѓа во период на сериозно влошени односи меѓу владата и црковниот врв, кои, според оценките, се на најниско ниво во последните децении. Владата предводена од Пашињан подолг период води конфронтација со црквата, обвинувајќи ја за политичко влијание и отпор кон реформите.

Во меѓувреме, државата најави чекори со кои практично ќе ја преземе контролата врз Ерменската апостолска црква – институција со повеќе од 1.700 години историја и значајна улога во националниот идентитет на Ерменија.

Пашињан јавно зборува за потреба од „прочистување“ и создавање црква која ќе биде во согласност со државните интереси.

Паралелно, приведени и истражувани се високи свештеници, а против дел од нив се водат постапки, вклучително и сомнежи за политичко делување и обид за дестабилизација на власта, што предизвика реакции кај верниците и дел од јавноста.

Конфликтот има и подолга позадина, при што црквата, како влијателна институција во општеството, сè почесто се судира со владините политики, особено по чувствителните геополитички одлуки на земјата.

Аналитичарите оценуваат дека станува збор за отворена борба за влијание меѓу државата и една од најмоќните институции во Ерменија, а инцидентот во црквата дополнително ја нагласува длабоката поделба во општеството и укажува на влегување на кризата во порадикална фаза.