На место викано Рамно на планината Скопска Црна Гора, на 19.09. и 20.09.2023 година во заедничка акција на Одделот за криминалистичка полиција, Единицата за брзо распоредување при Одделот за специјални полициски операции, СВР Скопје, Шумска полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“, од слобода биле лишени С.А.(28), Р.А.(22), Џ.А.(24), Е.А.(37), Б.С.(39), Д.А.(51), Ќ.А.(53), С.А.(47), Џ.С.(34), сите од село Брест и Б.М.(27) од скопското село Арачиново.

Лицата биле затекнати на местото при бесправна сеча на дрва и притоа биле пронајдени околу 400 кубни метри исечено огревно дрво.

На местото биле пронајдени четири товарни возила натоварени со огревно дрво, едно патничко возило, три моторни пили и други предмети кои биле користени за сеча на дрвата. Возилата, дрвата и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка, а лицата биле задржани во полициска станица

По целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител против лицата ќе биде поднесена кривична пријава по член 226 од Кривичниот законик.