Докторскиот тим предводен од д-р Жан Митрев успешно го спроведоа оперативниот зафат познат и како ,,механичко срце“ за решавање на левокоморна хронична срцева слабост. Кај пациентот со терминална коронарна болест каде заради долгогодишно лекување имаше голема слабост на срцевиот мускул беше вградено таканаречено „механичко срце“, при што беше ставена специјална пумпа што останува во организмот на пациентот и ја заменува работата на срцето.
Пациентот после ваквиот оперативен зафат се чувствува добро и следи постоперативно заздравување.
„Оваа операција е потребна за пациентите кои се соочуваат со срцева слабост што е долгoтрајна состојба која се влошува со текот на времето. Настанува кога срцевиот мускул е ослабен и не е во состојба да испумпа доволна количина крв потребна да ги задоволи барањата на телото за нормално функционирање. Честа е и кај помлади пациенти, но со овој метод и овој оперативен зафат тие може да продолжат да живеат. Заради зачестеноста на ова заболување, оперативниот зафат со вградена механичка циркулаторна потпора на срцето е често практикуван метод и засега е единствено долгорочно решение што овозможува продолжување на животот за тешко болните пациенти“, истакна д-р Митрев.
Овој оперативен зафат е еден од покомплексните. Во Клиниката Жан Митрев се спроведува веќе 6 години, при што досега се направени 31 вакви интервенции.
Срцевата слабост може да биде акутно настаната и таа вообичаено се повлекува после адекватен и навремен третман, но може да помине во хронична или пак да заврши фатално. Доколку срцевата слабост не се препознае, дијагностицира и третира адекватно, води кон трајно оштетување на срцето, лош квалитет на живот и чести болнички лекувања.