Милиони луѓе во готовност за екстремни временски услови

Најмалку 20 американски држави прогласија вонредна состојба поради силна снежна бура која се очекува да го парализира јужниот дел на САД. Повеќе од 180 милиони луѓе се во состојба на готовност за екстремни временски услови што се протегаат од Ново Мексико до Мејн, јавува ABC News.

Вонредна состојба е прогласена во Алабама, Арканзас, Делавер, Џорџија, Индијана, Канзас, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна Каролина, Пенсилванија, Јужна Каролина, Тенеси, Тексас и Вирџинија. Главниот град Вашингтон, кој припаѓа на округот Колумбија, исто така прогласи вонредна состојба. Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, ги повика жителите да останат дома и да избегнуваат непотребни патувања поради лошите временски услови.

Повеќе од 130.000 домаќинства останаа без електрична енергија, при што најголем дел од прекинот е регистриран во Тексас и Луизијана, со речиси 51.000 домаќинства без струја, според службата Poweroutage.

Откажани илјадници летови

Снежната бура предизвика хаос во авиосообраќајот, при што речиси 12.000 летови низ САД за викендот се откажани. Американските медиуми наведуваат дека недела, 25 јануари, ќе остане запаметена како еден од најголемите денови со откажувања на летови поврзани со временски услови во историјата на американската авијација, со повеќе од 8.000 веќе откажани летови.

Американ ерлајнс откажа 37% од вкупните летови, додека околу 85% од летовите на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк веќе се откажани.

Подготвени ресурси и предупредување од Трамп

Федералната агенција за управување со вонредни состојби (FEMA) подготви ресурси за справување со последиците од бурата, вклучително и претходно позиционирање на материјали и опрема.

Претседателот Доналд Трамп на својата мрежа „Вистина“ објави:

„Тукушто одобрив прогласување вонредна состојба за Тенеси, Џорџија, Северна Каролина, Мериленд, Арканзас, Кентаки, Луизијана, Мисисипи, Индијана и Западна Вирџинија. Тесно соработуваме со Федералната агенција за управување со вонредни состојби, гувернерите и државните тимови за управување со вонредни состојби за да ја обезбедиме безбедноста на сите. Останете безбедни и стоплете се.“

Снежната бура се очекува да продолжи да предизвикува сериозни проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија во следните денови, со можни дополнителни откажувања на летови и нови прекини во снабдувањето со струја.