Мистериозен блесок синоќа го осветли небото над украинскиот главен град Киев. Бројни шпекулации и теории се појавија низ светските медиуми, но засега останува нејасно што навистина се случило.
Официјални лица во Киев рекоа дека се сомневаат дека станува збор за сателит на НАСА кој паѓал на Земјата, но американската вселенска агенција соопшти дека нивниот сателит сè уште е во орбитата.
Украинските воздухопловни сили сугерираа дека блесокот можеби бил метеорит, но и таа теорија засега е непроверена. Што и да било, воздухопловните сили на Украина се уверени дека тоа не е руски воздушен напад.
Светлиот сјај беше забележан на небото над главниот град околу 22:00 часот по локално време.
Властите во Киев веднаш активираа предупредување за воздушен напад, но „воздушната одбрана не беше во функција“, соопшти на „Телеграм“ шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко.
„Според прелиминарните информации, овој феномен е резултат на падот на вселенскиот сателит на НАСА на Земјата“, тврди Попко.
Американската вселенска агенција претходно објави дека постар сателит тежок 300 килограми повторно треба неделава да влезе во атмосферата.
Вселенското летало „РХЕССИ“, кое се користи за набљудување на сончевите блесоци, било лансирано во ниската орбита на Земјата во 2002 година и деактивирано во 2018 година, соопшти НАСА.
Но, Роб Маргета од Канцеларијата за комуникации на НАСА изјави дека сателитот сè уште бил во орбитата во моментот кога бил забележан блесокот и дека подоцна влегол во атмосферата.
НАСА и американското Министерство за одбрана продолжија да го следат „РХЕССИ“, додаде тој.
Социјалните мрежи во Украина се преполни со теории за тоа што би можело да стои зад блесокот, а многумина се пошегуваа дека тоа можат да бидат вонземјани.