Во тригодишниот мандат на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, среќата да добијат вработување или хонорарно да бидат ангажирани им се насмевнала на негови роднини, партиски истомисленици и пријатели на неговиот баџанак – и тоа во разни институции, но и во министерството со кое раководи, открива „А1он“.
Станува збор за лица кои покрај тоа што работат во локални или државни институции, паралелно членуваат и во управен одбор на друга институција. Таков е примерот со битолчанецот Борче Груевски, член на партијата, кој е вработен во општината во одделението за култура, а воедно е и член во Управниот одбор во Комисијата за пошти. Во оваа група се наоѓа и Андреј Јосифовски, баџанак на Милевски, кој од 6 јули 2021 година до неодамна беше шеф на општинскиот изборен штаб на ЛДП во Центар. Тој е директор на сектор во Државна лотарија и член на Комисијата за пошти, каде што според информациите на „А1он“ се добива паушал од околу 45.000 денари. Неговата сопруга Сања, која е сестра на сопругата на Милевски, пак, е вработена во Државниот испитен центар.
Според информациите на „А1он“, и други двајца другари на баџанакот Јосифовски се вработени во Државна лотарија. Се работи за лицата Андреј Крстевски и Томица Николовски, претседател на општинскиот изборен штаб на партијата во Кисела Вода, кој патем годинава има и три исплати по 33.000 денари и една од 19.800 денари годинава од Министерството за локална самоуправа.
Други лица, пак, се ангажирани од страна на самото министерството со кое раководи Милевски. Тоа е Томас Дебаловски, другар на баџанакот на Милевски, кој е ангажиран преку Министерството за локална самоуправа. Во периодот од 2019 до 2022 година има 22 исплати по 33.000 денари.
И Љубомир Таневски е другар на баџанакот на Милевски, кој е ангажиран преку проект на Министерството за локална самоуправа. Во периодот од 2019 до 2022 година има вкупно 22 исплати од по 58.3302 денари.
Повеќе прочитајте на А1ОН