Неочекувано прашање го прекина разговорот на српскиот претседател Александар Вучиќ со граѓаните при неговата посета на Нова Варош. Жена од публиката јавно побара одговор зошто не добила работа за која, како што тврди, ѝ било ветено дека ќе ја добие доколку собере одреден број гласови на изборите во 2020 година.

Таа му се обрати на Вучиќ, но и на вршителот на должноста директор на „Србијашуми“, Крсто Јањушевиќ, и на претседателот на општина Нова Варош, Бранко Бјелиќ, кои стоеја зад српскиот претседател.

Жената рече дека во 2020 година ѝ било ветено вработување доколку собере одреден број гласови, но дека работата никогаш не ја добила.

Таа додаде дека Бјелиќ е нејзин сосед и дека оттогаш повеќе не разговара со неа.

„Мене ме интересира зошто не ја добив таа работа, а ми беше ветено дека ќе ја добијам“, рече жената.

Вучиќ најпрво порача дека никој нема да ја отстрани жената и дека секој има право да каже што сака. Разговорот, сепак, продолжи, а во еден момент тој ја праша „дали е сега доста“.