Вулканот Етна се разбуди – нова пукнатина исфрла лава од 3.000 метри

Нова пукнатина се отвори утрово на планината Етна, што значи дека вулканот Етна се разбуди со исфрлување лава на надморска височина од 3.000 метри на јужната страна од кратерот Бока Нуова. Националниот институт за геофизика и вулканологија (INGV) ја потврди информацијата и ја следи ситуацијата на терен. Според првичните податоци, протокот на лава се движи кон југ, пишува „Кориере дела Сера“.

Сеизмолошки, досега не се регистрирани значајни промени. Изворот на вулканскиот потрес е на надморска височина од 2.800 метри, помеѓу кратерот Ворагине и североисточниот кратер, и нема зголемена инфразвучна активност.

Добрата вест е што нема емисија на вулканска пепел, па аеродромот во Катанија продолжува да работи нормално. Сепак, е прогласено портокалово ниво на тревога за воздушниот сообраќај, а експертите продолжуваат внимателно да ја следат ситуацијата.