Група туристи од Велика Британија и САД доживеаја опасен инцидент за време на пловење низ делтата на реката Окаванго во Боцвана, откако мажјак слон ги нападна нивните чамци и ги преврте во вода каде имало крокодили.

Снимката од настанот, која се прошири низ светските медиуми, го прикажува моментот кога животното се затрчува кон двата чамци, познати како традиционални кануа „мокоро“, и со сурлата и бивните ги превртува. Четворица туристи завршија во водата, а една жена беше директно нападната.

На видеото се гледа како слонот ја удира жената од грб со сурлата и се обидува да ја прободе со бивните. Експертите објаснуваат дека таа избегнала смрт затоа што во еден момент се нашла под вода, што му ја отежнало видливоста на животното. По кратко време, мажјакот се повлекол со своето стадо.

Жената успеала да се исправи, а сопругот ја извлекол на безбедно. Сите учесници во инцидентот поминале без сериозни повреди.

Според експертите, нападот е последица на човечка грешка – водичите ги приближиле туристите премногу до слоница со младенчиња. Мажјакот реагирал од инстинкт за заштита на своето семејство и ги доживеал чамците како закана.

„Овие луѓе имале неверојатна среќа. Сите четворица можеле лесно да бидат убиени“, изјави поранешен јужноафрикански ренџер. „Жената имала среќа што не била прободена. Да ја држел под вода уште неколку секунди, сигурно ќе се удавела.“

Инцидентот, кој се случил токму на Светскиот ден на туризмот, се оценува како потсетник за ризиците од неодговорен туризам и потребата за почитување на дивите животни и нивното живеалиште.