Неговото обраќање ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани наставници и родители, драги ученици во основното и средното образование, ви посакувам новата учебна 2021 – 2022 година да започне и да се одвива во симболиката на старото нормално.

На сите првачиња и на сите родители им го честитам почетокот на најважната фаза во нивниот живот кога ќе ги истражуваат неизмерните длабочини на знаењето. Знам дека нивната љубопитност и желба за истражување ќе им донесе радост за секое стекнато знаење. Тоа е нивниот влог за успешна и убава иднина.

Несомнено е дека отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е најпосакуваната одлука за сите кои посакуваат здрав психо-социјален развој на учениците. Сите многу изгубивме изминатата година, соочувајќи се со пандемијата која го затече целиот свет. Сакам да им се заблагодарам на сите наставници, а секако и на родителите, кои се справија со предизвиците на онлајн наставата и не дозволија децата да изгубат од образованието.

Сега е време да го надополниме, сето она што не можевме да го развиваме во рестриктивните мерки. Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи.

Владата, заедно со Министерството за образование, ги вложи сите напори во обезбедувањето на здравствено безбедни средини за учениците.

За да се спречи ширењето на КОВИД-19 во училиштата потребна е максимална одговорност и почитување на планот и протоколите што ги усвоивме од страна на сите учесници во воспитно – образовниот процес, од ученици, наставници, родители, од општините.

Јас сум убеден дека децата веќе знаат зошто ги носат маските и зошто ќе се дружат малку пооддалечени еден од друг.

Министерството за образование и наука има развиено планови, кои ја покажуваат спремноста да се делува во било кое од можните сценарија кои можат да се случат. Уверен сум во таа спремност, исто како што знам дека сите будно ја следиме епидемиолошката состојба и се прилагодуваме на неа“, рече Заев.