Сакаше да покаже совесност, но повторно ја покажа својата негрижа и лицемерие. Тој дојде со бројни медиуми, да биде виден на овие локации, но си замина без проблемот да биде решен.
Имено, Заев денеска најави дека е во посета на опожарените подрачја во Малешевијата, застана на разговор, се сликаше, даде изјава и веднаш потоа си замина.
Додека со луксузно возило и полициска придружба го напушташе местото, зад него остави да беснеат пожари.
-Јас верувам дека секако ќе се заштитат човечките животи, имотите овде. Важно е да се делува од сите страни. Посебен респект за противпожарните станици кои се директно таму експонирани кај што е огнот и тука го пресекуваат. Гледате дека механизација прави продорни патишта заради пресекување при евентуалното негово доаѓање поблиску до населените места. Значи, се преземаат сите дејствија за да може да се локализира и ова најголемо жариште во државата, а тоа е пожарот помеѓу Берово, Пехчево и Делчево буквално што е некаде во радиус од 50 километри, рече Заев пред да си замине.