Владата ја зачувува енергетската сигурност и ги поставува темелите на енергетиката. Тоа го прави со најголемите законски реформи во последната деценија и силен инвестициски циклус во обновливите извори, истакна денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов.

Тој посочи дека е усвоен нов Закон за енергетика кој е целосно усогласен со европските директиви и поздравен од Европската енергетска заедница.

„Со тоа создадовме стабилна и предвидлива правна рамка што обезбедува сигурност за граѓаните и привлекува сериозни инвестиции“, истакна Дрвошанов.

Според неговите податоци, заклучно со 1 јуни 2026 година пристигнале над 800 инвестициски иницијативи по јавниот повик за 2027 година во делот на обновливите извори. Дополнително, финализиран е проектот за државен батериски систем со капацитет од 300 MWh во соработка со ЕБОР, воспоставен е ГИС-систем за дигитализација за ветерна енергија, а исплатени се и над 50 милиони денари поддршка за производство од обновливи извори.

„Ова значи поголема домашна енергетска независност и помала изложеност на ценовните шокови“, додаде тој.

Во делот на енергетската ефикасност е усвоен тригодишен план за реконструкција на 14 државни објекти во кои се сместени 33 институции, со вредност од 11 милиони евра. Обезбедени се и дополнителни 50 милиони евра со АФД, 18 милиони евра преку Светска банка и почетен капитал од 5 милиони евра за независен Фонд за енергетска ефикасност.

Во рамки на праведната енергетска транзиција, активирани се 61 конкретна мерка преку Советот за праведна транзиција, додека меѓународната поддршка од Европската комисија изнесува 65,7 милиони евра преку Планот за раст за Западен Балкан, заедно со 5,2 милиони евра ИПА средства и забрзана реализација на интерконекторите со соседните земји.

„Продолжуваме да градиме енергетски систем кој е сигурен, модерен и одржлив, во интерес на секое домаќинство и на идните генерации“, заклучи Дрвошанов.