Бегалецот Саит Саитов уапсен во Белград
Бегалецот Саит Саитов, кој минатиот месец ја усмрти 79-годишната Љуба Јаковлевска во скопски „Капиштец“, е уапсен во Белград. Тој се бараше со меѓународна потерница за тешки кривични дела против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице.
Саитов опасното возење редовно го објавувал на Инстаграм
Саитов и претходно управувал возило непрописно, а дел од тие моменти ги споделувал на социјалната мрежа Инстаграм. Од содржините на неговиот профил може да се забележи дека уште на 17-годишна возраст возел со брзина над дозволената, управувајќи „фолксваген пасат“, при што се снимал и објавувал видеа од таквото возење.
Истото возило „фолксваген пасат“ било инволвирано и во трагичната сообраќајна несреќа во која животот го загуби Љуба Јаковлевска. По несреќата, осомничениот го напуштил местото на настанот и извесен период бил во бегство.
Бегство од државата и постапка за екстрадиција
На 9 јануари, во скопски „Капиштец“, по прегазувањето на жената со автомобилот „пасат“, Саитов избегал од местото на настанот, а потоа заедно со својот татко ја напуштил и државата.
Адвокатот на брачната двојка роднини на Саитов, кои се обвинети дека му помогнале да избега пренесувајќи го до Врање, изјави дека неговите клиенти не знаеле дека сторил кривично дело.
Од Министерството за правда потврдија дека Саитов се наоѓа во екстрадициски притвор и дека е започната постапка со српското Министерство за правда за негово екстрадирање во Македонија.
