Одложено рочиштето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Рочиштето за случајот со двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски беше одложено откако првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо побара изземање на обвинителката Жаклина Крстевска – Јосифовска и останатите обвинители. Причината за барањето, според Палевски, е наводното прикривање на клучни докази од страна на обвинителството.

Обвинителката Јосифовска: Имаме доволно цврсти докази против Палевски

Обвинувања за прикривање на докази

Палевски тврди дека обвинителството прикрило информации за пиштол кој го поседувал обвинетиот Боре Видевски, а кој одговарал на калибарот со кој било извршено убиството. Дополнително, наведува дека на местото на убиството била пронајдена чаура која, според него, не била истражена.

„Приложено е вештачење на телефон, базни станици и докази од вашата обвинителка. Сите овие докази се изготвени по наредба на надлежната јавна обвинителка Јосифовска, која ги знаела доказите без да ги вештачи телефоните на сведокот. Криење на оружје 421 истражен ден, нерасчистување на таа важна околност дали обвинетиот или обвинетите поседуваат оружје е најсериозно кривично дело што еден јавен обвинител може да го направи,“ изјави Палевски.

Обвинителката Крстевска Јосифовска ги отфрла обвинувањата

Обвинителката Крстевска Јосифовска ги негираше наводите на Палевски и истакна дека обвинителството ги има обезбедено сите докази. Таа посочи дека тврдењата на Палевски се неосновани и дека судењето се приближува кон моментот кога јавноста ќе биде запознаена со конкретните дејствија на обвинетиот.

„Очигледно е дека со презентирањето на видеозаписите, судењето се приближува кон делот кога јавноста ќе дознае кои дејствија ги преземал Љупчо Палевски, кој цело време негира дека учествувал во предметниот настан,“ изјави обвинителката.

Истражување за изјавите во рацете на Палевски

Обвинителството најави дека ќе истражува како во рацете на Палевски завршиле списи од изјавите на обвинетите.

Обвинителките за првпат дадоа изјава за јавноста од почетокот на судењето: Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски со двете убиства

Овие списи, според тврдењата, требало да останат исклучиво во рамките на Јавното обвинителство.