Претседателот на Индонезија и актуелен претседавач на Г20, Џоко Видодо месецов ќе ги посети лидерите на Украина и Русија, со цел да разговара за хуманитарните и економски последици од руската инвазија, информираше денеска неговата министерка за надворешни работи, Ретно Марсуди.Состанокот на Г20 ќе се одржи во ноември на индонезискиот остров Бали, но, уште сега се зборува за него, откако Видодо го покани и рускиот претседател Владимир Путин и покрај наводните руски воени злосторства во Украина.
Индонезија е под притисок на западни држави, предводени од САД, да ја повлече поканата за Русија.
Марсуди соопшти дека Видодо можеби ќе ги посети Киев и Москва по состанокот на Г7 во Германија на 26 и 27 јуни, каде тој ќе ја претставува Индонезија како земја гостин.
Марсуди не истакна датуми кога тоа би можело да се случи. Државните медиуми јавија за изјава на друг министер, според кој, средбите може да бидат на 30 јуни.
Медиуми пишуваат дека тој може да стане прв азиски лидер кој ќе ги посети двете земји од почетокот на војната.
Индонезија се обидува да задржи неутрален став околу војната во Украина и повика на мирно решение на конфликтот.
Видодо одби да испрати оружје за Украина, на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а наместо тоа, понуди хуманитарна помош.
Индонезија на собирот на Г20 како земја гостин ја повика и Украина.