Генералниот директор на „КОСТАЛ – Македонија“, Виктор Мизо, повторно е избран за претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, откако членовите му ја дадоа довербата за нов двегодишен мандат.

Стопанската комора на Македонија соопшти дека на виртуелна седница одржана вчера се избрани и заменици-претседатели на Асоцијацијата: Боријан Борозанов од „Џонсон Мети“, Светослав Смилков од „АРЦ Аутомотив“ и Ѓорѓи Тренкоски од „Теламон“.

Како и досега, и во наредниот период приоритет за новото раководство ќе биде Асоцијацијата активно да учествува во процесите за унапредување на условите за водење бизнис во земјава, преку предлагање мерки и препораки за креирање најдобри можни решенија, кои ќе донесат одржлив и побрз економски развој. На состанокот беа презентирани реализираните активности во изминатиот период и беа разгледани клучните иницијативи и предлози на Асоцијацијата, кои се од значење за унапредување на работењето на компаниите со технолошки напредно производство, а во функција на зголемување на продуктивноста, конкурентноста, но и на атрактивноста на земјава за задржување на постојните и за привлекување нови инвеститори, информира Комората.

На средбата се дискутирало и за отворените прашања и за актуелните проблеми во однос на законската регулатива, како и за други значајни прашања кои се од интерес за странските инвеститори, кои ќе бидат предмет на разгледување на заедничка средба со претставници од Владата во наредниот период.