Единствениот Македонец за кого е напишана книга во Италија
Жртва на лаги и на измислици во извештаите на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), за кои бруи јавноста по обелоденувањето на наводите за масовни злоупотреби во тајната полиција во периодот од 2019 до 2024 година, бил и Христијан Илиевски (48), веројатно единствениот Македонец за кого во Италија е напишана книга. Таа книга сѐ уште се продава по цена од 20 евра, а во неа се опишува големиот скандал со местење фудбалски натпревари во Калчо лигата, кој изби во 2011 година, пренесува Плусинфо.
Италијанските медиуми тогаш го прогласија Илиевски за водач на криминална група која подмитувала играчи. Откако ќе одлежи 17-дневен притвор, Христијан во следните три години ќе биде недостапен за органите на прогонот во Италија, но во април 2015 година ќе се појави пред истражниот судија, со спектакуларно признание на вина за учество во местење на два фудбалски натпревара, за што ќе добие условна затворска казна од 2 години.
Денес Илиевски со семејството живее во мирната Равена во Италија. Се занимава со градежништво, често патува во Словенија и во Хрватска. Има бугарски пасош. Категорично тврди дека после неговата историја со местенките, ниту еднаш не дошол во судир со законот. Нема ни кривични ни прекршочни казни, а против него не се водат никакви истраги.
Лошата ноќ на Мали Лошињ не можеше да заврши добро
Историјата за местенките во Калчо лигата и за улогата на Илиевски одамна е позната и детално е раскажана во македонските медиуми. Таа приказна нема врска со она што ќе му се случи на овој човек на 4 март 2024 година вечерта, во Хрватска, кога е уапсен на островот Мали Лошињ, а против него е поведена постапка за протерување од земјата. Претходно, хрватската Сигурносно-обавештајна агенција (СОА) испратила информација до полицијата во Риека, со ознака „доверливо“, во која се тврди дека Илиевски претставува закана за националната безбедност. Врз основа на таа информација, тој е протеран од Хрватска, на граничниот премин Хоргош, во Унгарија.
– Да бидам искрен, бев затекнат од целата ситуација. Не знаев што да мислам. Она со местењето натпревари одамна беше заборавено. Во градежниот бизнис имав успеси, а во моментот на протерувањето бев среде голем градежен проект во Пореч, кој сѐ уште не е завршен. Припадниците на СОА кои ме испрашуваа, ми поставуваа чудни прашања, за тоа дали познавам некои луѓе од скопската бизнис елита. Немав што да кријам, им реков дека ги познавам сите. Скопје ионака е мал град и сите кои сме во бизнисот, на овој или на оној начин, се познаваме. Дури подоцна, кога прочитав што содржела доверливата информација на СОА за мене, ми стана јасно кој и зошто ме наместил – раскажува Илиевски за Плусинфо.
Интересно е дека тој сега има добри шанси да ги увери хрватските управни судии дека сепак згрешиле кога ѝ поклониле верба на информацијата на СОА. Шансата ја доби по макотрпна правна битка, кога Уставниот суд на Хрватска ја укина одлуката на Управниот суд во Риека и на Високиот управен суд, со образложение дека било повредено неговото право на правично судење. Таа пресуда на Уставниот суд во хрватските медиуми беше објавена како првостепена сензација, а „Јутарњи лист“ објави голема статија за овој случај.
„Нацртан“ како убиец, криумчар на дрога и тежок криминалец
По обелоденувањето на аферата во Македонија, Христијан Илиевски очекува да се открие и вистината дека службениците на СОА својата одлука да го прогласат за опасен по националната безбедност на Хрватска ја донеле водени од информации од нивните колеги од Македонија, од АНБ. Тоа на Илиевски му станало јасно кога прочитал дека во информацијата на СОА е опишан како „член на криминална група во Македонија, односно припадник на транснационалниот организиран криминал и припадник на организирана криминална група која дејствува во Северна Македонија и на други подрачја на соседните држави, а таа група е поврзана со сторување најголеми казнени дела: убиства, криумчарење дрога, изнуди и разни облици на насилен криминал“. Врз основа на ваквиот „профил“ на Илиевски, судиите се убедиле дека самото негово присуство во Република Хрватска „имплицира сигурносен ризик“.
– Кога јас би бил човек каков што е опишан во таа информација на СОА – убиец, дилер на дрога и слично – некаде сигурно би се водела некаква истрага, би имало меѓународна потерница за мене, а Република Хрватска би била должна да ме стави зад решетки, а не да ме протерува. Но, ништо од тоа не е точно, сѐ е чиста измислица. Веднаш ми стана јасно дека мојот „профил“ е направен тука, во Скопје, од страна на луѓе во АНБ, која соработува со СОА. Сигурен сум дека тоа наскоро ќе се обелодени, со расчистувањето на аферата, дотолку повеќе што конкретни лица од АНБ имале силен мотив да им лиферуваат на нивните хрватски колеги вакви лаги и конструкции за мене – категоричен е Илиевски.
Неговиот „грев“ бил што не сакал да плати рекет
Каков е тој мотив? Зошто АНБ би го таргетирала токму Христијан Илиевски? Што им згрешил на тие луѓе?
Во 2021 година осамна веста дека извесен Михаил Младеновски, познат лик во некои скопски кругови, а пошироко популарен како сведок во процесот за настаните од 27 април, бил осуден на 2 години затвор, откако пред судот признал дека измамил бизнисмен и од него зел пари, тврдејќи дека може да запре постапка што против бизнисменот наводно се водела во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Младеновски бил во содејство со лицето Вилијам Секл, вработено во АНБ, тогаш и сега. Но, против Секл не бил поднесен обвинителен акт. Осудениот Младеновски побарал 75.000 евра, а добил само 5.000 евра. Прописно обележани…
– Јас сум тој бизнисмен. Се посомневав дека станува збор за фалсификувана наредба за истрага, со која рекетарите сакаа да ме убедат да им дадам пари. Проверив во Обвинителството и таму добив одговор дека не постои никаква истрага. Така одлучив да соработувам со крим-полицијата, за да ги фатиме рекетарите на дело. На крајот, Младеновски беше осуден, но Вилијам Секл се извлече, после силни интервенции. Во мојата претставка до кабинетот на директорот на АНБ, што ја доставив на 22 мај годинава, се пожалив на тоа дека Вилијам Секл, од осветољубие, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како вработен во АНБ, пуштал преписки до хрватската Сигурносно обавештајна агенција (СОА), во кои го тврдел сето она што е напишано во доверливата информација на СОА, врз основа на која сум протеран од Хрватска. Во неформалниот увид во доказниот материјал против мене, со мојот правен застапник, дојдовме до информации дека во декември 2023 година и во јануари 2024 година, Вилијам Секл и Јовче Ременски, како вработени во АНБ, им пласирале такви лажни информации на нивните хрватски колеги, со цел да ми наштетат на угледот и да ми ја загрозат слободата – раскажува Илиевски.
„Тие луѓе ја срамат Македонија, а мене ми нанесоа голема штета“
Што ќе се случува сега?
Христијан Илиевски верува дека хрватската СОА сега ќе добие поинакви информации од македонската АНБ, бидејќи во одговорот што го добил на претставката се вели дека биле преземени соодветни активности и дека ќе бидат известени надлежните државни органи за да постапуваат.
– Во очекување на нова одлука на Управниот суд во Риека, каде што е вратен предметот, сакам да кажам дека сум оптимист дека судиите конечно ќе ја дознаат вистината дека СОА била изманипулирана со лажни информации. Јас не сум ниту убиец, ниту сум криумчар на дрога, а не сум ни дел од било каква криминална група. Не претставувам никаква опасност за Хрватска, или за било која друга земја. Тоа се лаги и измислици. Мојот градежен проект во Пореч не е фикција, туку е моја реална инвестиција, која сега трпи и јас одвај чекам да се создадат услови да продолжам да работам. Јас сум граѓанин на ЕУ, моето семејство живее во Равена, каде што многу луѓе ме познаваат и ме поздравуваат. Со манипулациите на овие несреќни ликови од АНБ, кои ја срамат Македонија, мене ми е нанесена огромна материјална и морална штета. Затоа, ќе сторам сѐ да ја истерам правдата – вели Илиевски.
„Кралот на местенките“ во борба против местенките на македонската тајна полиција?
Да, звучи како наслов за уште една интересна книга за Христијан Илиевски. Во таа книга можеби ќе се каже и тоа дека овој човек е поранешен полициски специјалец, кој учествувал во конфликтот во 2001 година и бил одликуван, та затоа, покрај и наспроти сите контроверзи поврзани со неговото име, не заслужува македонската тајна полиција вака подло да му се одмаздува, поради една неуспешна рекетарска авантура.
Извор: Плусинфо