Визијата на Каја Шукова, кандидат за градоначалник на Скопје од СДСМ, за централниот плоштад во Скопје почнува со чистење на градот и санација на постојните споменици, кои според неа „ја имаат изгубено дури и бојата, а дел од ознаките со имињата на познатите ликови се украдени“. Таа вели дека сегашниот изглед „не личи на ништо“ и дека мора да се внесе живост.
„Плоштадот е многу сив и мора да го разубавиме со мали мурали и со многу цвеќе,“ истакна Шукова, додавајќи дека со тимот веќе се работи на дизајни и решенија за нов изглед на просторот.
Како дел од визијата, таа посочи и на проблемот со коњските коли што сè уште се движат по булеварите и ги нарече „неформални собирачи на ѓубре“.
„Мора да ги интегрираме во системот. Веќе е пробано да се работи со нив, дури и да им се дадат возила. Со нив има многу работа, тешко ќе иде,“ рече Шукова.
Во план е и трансформација на галијата на Вардар во културен центар или простор за презентации, со употреблива функција слична на другата галија што е пренаменета во хостел.
Шукова укажа и на проблемот со објектите на приватните сопственици. „Во рамките на својот објект средуваат сè, но надвор од оградата не сакаат да чепнат,“ нагласи таа.
Како можен начин за побрзо разубавување на градот, таа предложи заедничка акција:
„Не можеме да очекуваме од комунална да исчисти сè за еден месец. Но ако се вклучат и приватни компании и јавни установи, може да успееме.“