Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека суспензијата на одлуката за укинување на визите за граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година ќе го убие дијалогот меѓу Косово и Србија, пренесува Maxfax.com.mk.
Таа реагираше на изјавата на францускиот претседател, Емануел Макрон, кој на 28 август рече дека неговата земја ќе ги разгледа преземените обврски во однос на економските прашања и визната политика за Косово и Србија, „доколку тие не се однесуваат одговорно“.
„Би рекла дека тоа е начин да се убие дијалогот еднаш засекогаш. Ако некој сака да го прекине дијалогот, тогаш нека преземе такви мерки, кои се казнени мерки против народот на Косово. Тие мерки не се против ниту еден лидер, тие не се против политиката, тие се против народот на Косово“, рече таа во Приштина.
„Никој нема мандат да оди во Брисел, кога народот на Косово е казнет“, рече Османи.
Косовската претседателка додаде дека на 1 септември ќе бидат подготвени упатства за одржување вонредни избори во четири општини на северот на Косово, штом се создадат законски услови за одржување избори во општините Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Таа изрази и очекување дека на следната средба на високо ниво меѓу Косово и Србија „Европската унија ќе утврди дека нејзините барања се исполнети и дека се исполнети сите услови за укинување на мерките против Косово кои биле неправедни“.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, најави можност во септември да се одржи средба меѓу премиерот Аљбин Курти и претседателот Александар Вучиќ.