Трендот на намалување на потрошувачката на струја од страна на државните институции продолжува и во октомври. Согласно податоците на Електродистрибуција за заштедата на електрична енергија произлегува дека административните згради на Претседателот на државата, Собранието, Владата, министерствата, АД ЕСМ, АД МЕПСО имаат остварено намалена потрошувачка на електрична енергија во просек од 29 отсто, што е повеќе споредено со вкупната заштеда од 20 отсто остварена во септември, информира министерот за економија Крешник Бектеши.
-Сите институции во октомври имаат најмалку за 15 отсто намалена потрошувачка на електрична енергија што е согласно препораките и задолженијата кои ги донесе Владата. При тоа најмала заштеда има кај Министерството за здравство од 18 отсто, а најголема заштеда има зградата на Министерство за образование до 58 отсто. Заштедата на електрична енергија на Владата изнесува 32 отсто, кај Собранието заштедата во октомври е 22, кај Кабинетот на претседателот на државата 24, кај административната зграда на ЕСМ заштедата е 25, а кај МЕПСО 22 отсто, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.
Ако се земат во предвид податоците вклучително и на сите државни претпријатија, агенции и управи, нагласи, тогаш вкупната заштеда на електрична енергија изнесува 24 отсто.
-Согласно податоците потрошувачката на електрична енергија само на министерствата сумирана заедно со сите единици кои се во склоп на надлежностите под одредено министерство е намалена за 33 отсто. Министерството за образование има постигнато најмала заштеда на електрична енергија од 24 отсто, а најголема заштеда има постигнато Министерството за животна средина од 94 отсто. Заштедата на електрична енергија кај Министерство за информатичко општество изнесува 50 отсто, кај Министерство за локална самоуправа 58, во Министерство за транспорт и врски и Министерство за финансии заштедата изнесува 44 отсто, кај Министерството за труд и социјална политика 40, Министерството за економија заштедило 30 отсто електрична енергија, исто толкава е заштедата на Министерството за внатрешни работи, прецизира Бектеши.
Во анализата на потрошувачката на електрична енергија за октомври 2021 година споредено со истиот месец во 2022 година, како што кажа, се опфатени вкупно 19 јавни претпријатија во државна сопственост со сите подрачни единици, каде вкупната заштеда изнесува 17 отсто.
-Согласно податоците содржани во табеларниот приказ произлегува дека 15 субјекти оствариле заштеди од минимум 15 отсто во октомври 2022 година споредено со истиот месец во 2021 година, рече Бектеши.
Податоците за заштеда на електрична енергија кај општините кои имаа препорака да штедат, пак додаде, покажуваат дека од 81 општина, 65 општини постигнале заштеда од најмалку 15 отсто, од кои 12 општини постигнале заштеда поголема од 50 отсто.
-Вкупно 16 општини не постигнале заштеда од 15 отсто, од кои само три имаат поголема потрошувачка во октомври 2022, споредено со октомври 2021 година, а останатите 13 општини имаат намалена потрошувачка, но не постигнале заштеда од 15 отсто, посочи Бектеши.
Овие податоци за заштеда на електрична енергија, порача, покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме беспотребно електрична енергија може да се направат големи заштеди. Упати апел до сите компании и до граѓаните рационално да се користи електричната енергија.
-Со рационално трошење на струјата ќе се овозможи намалување на сметките за струја и за граѓаните и за компаниите кои ќе станат поконкурентни. Ние како Влада ќе продолжиме да работиме и да носиме мерки се со цел оваа енергетска криза која ја зафати цела Европа да има најмали негативни ефекти за граѓаните, а со заеднички напори и штедење да има и најмали негативни ефекти за целата држава, потенцира Бектеши.