Во текот на вчерашниот ден имаше вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои, два се сѐ уште активни, а уште толку се под контрола, информираат утрово од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– На планината Мукос, место викано „Котева круша“, во атар на село Оморани, огнот е изгаснат од дожд, додека, активен е кон селото Степанци и место викано „Кадиица“ на границата помеѓу општините Чашка и Долнени, каде гори мешана шума, се појаснува во соопштението.

Вториот активен пожар е на територија на општина Студеничани, над селото Црвена Вода, место викано „Крста“. Горат ниска вегетација и нискостеблеста шума.

Под контрола е пожарот во општина Кичево, кај селото Цер, каде гори веќе на изгорениот дел, но нема опасност од проширување.

Вториот пожар, категоризиран „под контрола“, е на планината Галичица, кај место викано „Зли Дол“. Дождот го изгаснал пожарот на ресенска страна.