Растот на БДП од 3,4% ја стави Македонија во иста група со богатите држави Ирска, Данска и Полска. Промените во Македонија се случуваат и тоа станува сè повидливо и појасно, македонската економија доживува ренесанса.
Македонија е меѓу петте земји со најбрзорастечки економии во Европа. 3,4 проценти е растот на Бруто домашниот производ за првото тримесечје за 2025 година, согласно прелиминарните податоци на Државниот завод за статистика, велат од Владата.
-За разлика од претходно, сега Македонија бележи позитивни резултати и според овие бројки и проценти, Македонија се впишува како земја со најбрзорастечка економија, во група на држави како Ирска, Данска и Полска. Порастот на БДП е показател дека работиме посветено и носиме одговорни политики во интерес на граѓаните. И тука не застануваме, нè чека целосна трансформација на Македонија и промени кои ќе значат поголема сигурност и подобра иднина за сите. Македонија ја очекуваат нови победи и уште поголеми економски резултати, тоа што го ветивме, се обврзавме, го исполнуваме, се наведува во владиното соопштение.
Од Владата порачуваат дека Македонија мора да оди напред, а граѓаните да се задоволни.
-Економскиот раст и развој се наш најголем фокус и приоритет. Затоа продолжуваме со јасна визија и јасни цели, македонската економија да оди напред. Државата е на патот на промените, велат од Владата.
Извор: Курир